Скопјани пишуваат: Јовица Ивановски – СКОПЈЕ

jovica ivanovski

Скопје, внимавај
кога правиш шпага над реката Вардар
да не си ги скршиш мадињата од камениот мост!
Твоите улици се полни со просјаци и простаци,
во твојата зоолошка животните штрајкуваат со глад
(што не мора да значи дека имаат политички амбиции).
Скопје, твојот градски парк е полн со шприцови
на кои се навлекуваат деца.
Не знам каде да фрлам ѓубре, каде да се измочам.
Скопје, не знам каде да ги однесам гостите од странство
и што да им покажам.
Препорачај ми нешто карактеристично за да не се посрамам!
Скопје, чија е Турската чаршија,
чии се гробиштата? Скопје, ти требаат ли нови гробишта?
Те гледам како растеш умирајќи на секое твое ќоше
(те познавам подобро и од господинот Данило Коцевски).
Скопје, во твоите училишта веќе одамна не се учи марксизам.
Скопје, твојата иднина ја гледам во веронаука и во бордели,
во култура и во криминал, во политика и во јавни WC-а.
Реката Вардар шета крај кејот осветлен со љубовта од
мрачните клупи
и се влева во Егејското Море за да им ја испрати на Грците
нашата бескрајна љубов полна со фекалии.
Скопје, каде отидоа твоите паметни и напредни деца –
отидоа ли да го разубават светот?
Скопје, белким не ти треба нов земјотрес за да пораснеш?
(Замислете само, уште еден Пикасо во музејот на современа.)
Скопје, згешил ли генерал Пиколомини 1689 година,
Скопје, згрешил ли татко ми Перо Ивановски 1961 година?
Скопје, по никого не си запаметен а не можеш да сметаш на мене.
Точно ли е дека твоите архитекти се деца на Гауди?
Скопје, што да правиме со твојот урбанистички план,
што да правиме со непочитувањето, со примитивизмот, со дрскоста?
Скопје, те обожавам и те мразам небаре си ми сопруга.
Веќе трета генерација во тебе – иста улица, иста куќа.
Езра Паунд би ме сожалувал, но дедо ми би се гордеел.
Скопје, треба да внимаваш на своето однесување,
ти си главен град на една суверена и самостојна држава
и треба да градиш нови облакодери за да ги сместиш сите села во скут
(од каде инаку нови совесни и зрели политичари).
Висината на зградата на националната телевизија имаше смисла
сè додека скокаа од неа,
сега веќе одамна ништо нема смисла.
Како да те напуштам кога никаде во светот не ме примаат
а „Америка” е далеку повеќе од четириесет и четири години.
Скопје, твоите нови богаташи се навистина дрски.
Твоите уметници се самобендисани полупроизводи,
твоите девојки се најубави на целиот свет.
Скопје, кога ќе се помириш со фактот дека си една мала
безначајна провинциска паланка
и дека твоите жители не се последните еднорози?
Скопје, што ли ќе му подариш на својот милионити жител?
Твоите херои се вистински колку што е вистинита историјата,
твоите вредности се…
Скопје, екстазираш со техно и фолклор, со киселина и шприцер.
Меаните и техно-клубовите ги дели само еден ѕид.
Немаш ни кинески кварт, ни резил-сокак, ни Сохо, ни Мохо
(ние немаме кинески кварт, но затоа пак, имаме албански кварт –
со таа разлика што храната таму не е толку добра).
Скопје, твоите зурли и тапани се компјутерски семплови.
Под народните носии ти се наѕираат ѕвонарки и техно-ѕиври.
Скопје, три напред и три назад.
Па, contre-pas клекнување
и полетување,
и повторно, три напред и три назад.

Advertisements

Коментирај

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s