– Имало некој црн камен во Скопје што исполнувал желби. Имаме и локација, дури, каменот се наоѓал некаде кај ПМФ, и околу него се правеле некои обреди (ова горе-доле се зборови на еден човек, кој се изјасни дека не е од Скопје). Ќе го бараме ли каменот? Ако го најдете, пратете ни слика. Или уште подобро, пратете ни го, да видиме што ќе направиме со желбите. Или уште подобро, пишете ни кои желби ви ги исполнил.
– Понатаму, до Јаја Паша џамијата, имало некоја градинка (и денес се гледа дворот, покрај улица). Кога ја граделе, со багер сакале да ги исчистат остатоците (веројатно) од старата џамија, но багерот се превртел. Неколку пати пробале да ги тргнат и на крај ги оставиле, видливи се и ден денес.
Наравоучение: не играјте играчки со религиозни објекти.
– Следното сведоштво ви го пренесуваме во оригинал, сосе скептицизмот и сосе очигледната поетска слика на двајца таксисти како те убедуваат да пазиш:
„Денес сестра ми ми кажа за некоја другарка што била пред некоја вечер нагоре накај Радишани не знам некое место Две реки што го викаат и дечко и им рекол на сите да си одат пред 12, зошо во периодот од 12-01 се појавувале некои бели ствари наводно духови и се што било во движење се превртувало, така имало двајца таксисти што им се појавиле два духа и одма им се превртела колата…“
– Имало и некои разрушени куќи кај Нерези. Кажува човекот, пред да влезеш, има скали, на првата скала МОРАШ да се сопнеш, па влегуваш внатре и веднаш огледало, па се гледаш себеси и тоа било језиво.
(Па дечко, огледало е, што може друго да прави. Дај кажи дека нешто се појавува позади. Недајбоже.)
– Приказната за невестата кај шините во Волково:
Луѓе кои живееле во близина на шините правеле свадба и невестата го повела орото кон пругите. Ја згазил воз и оттогаш луѓето веруваат дека поради тоа што загинала млада, навечер во одредено време се појавувала на шините и ако имало некој таму, го хипнотизирала и го влечела на средината. Го заглавувала таму, се додека не го прегазил воз. Има ли некој од Волково да ја разработи приказнава?
– И за Драчево има приказна со шини. Еве ја како што е раскажана написмено:
„А другарка ми ми кажа дека во Драчево, на крајот од населбата, кај пругите, порано поминувал брат и, и една вечер кога дошол дома, легнал да спие и наеднаш почуствувал како нешто го притиска и сака да го задуши.После му кажале дека тоа му било од поминувањето кај пругите…имало умрено некоја жена порано и таа сакала да го “завземе” неговото тело.“
Ете така. Убаво да спиете вечер.
