
Стан во Скопје денес чини колку куќа во предградија на европски градови каде што барем не ти дува во автобус. Или само има автобус. За воз ич да не збориме.
Цените на становите скокаат веќе неколку години и, ако се чудите зошто, еве кратко резиме на состојбата:
Нема логика. Има побарувачка.
Ако баш ви се навлегува, еве да видиме со бројки како изгледа тоа:
Во 2017, просечна цена на нов стан во Скопје била околу 900–1.000 евра по квадрат. Денес (2024–2025), во истите населби, се движи од 1.600 до 2.200 евра по квадрат, зависно дали сакаш поглед, гаража, или само да не ти се расипува лифтот секој вторник.
Ако тогаш за стан од 60 квадрати се плаќаше околу 55.000 евра, денес ист таков чини 100.000+ евра.
Повеќе од дупло за 7 години.
Зошто?
- Побарувачката е висока – луѓето и натаму купуваат, често со пари што не се видени низ банкарски извод.
- Градот е преполн, но нови згради никнуваат како печурки – а богами, скапи печурки се, без оглед на тоа колку се гломазни, темни или нефункционални.
- Се купува за издавање – многу купувачи не бараат дом, туку профит.
- Државата нема контрола, ниту јасна стратегија за регулирање пазар или за социјално домување.
- Инфлација – сè е поскапо, па и циглата, и цементот, и мајсторот што не доаѓа на време.
Ќе паѓаат ли?
Според аналитичарите: нема драстичен пад на видик.
Најмногу – ќе се „стабилизираат“. Тоа значи: ќе престанат да растат со полна брзина, ама нема ни да паднат драматично.
Најреално: ќе стојат високо, додека не се испумпа балон – а тоа може да потрае.
Сѐ додека има кој да купува по било која цена – цената е „оправдана“. Сѐ додека е попрактично да се живее со родителите отколку да плаќаш стан + режии + кредит за стан што ќе го отплатуваш до пензија, темата е жешка. Буквално.
А додека дебатираме дали цените ќе одат горе или долу, најреална инвестиција е добар вентилатор. Скопје е топол град. Особено кога си под кирија.
Читај и:
