Земјотресот во „Зелениот дворец“ од Сибо, читано од Рубенс Муратовски

Извадокот е од 22-та глава од книгата „Зелениот дворец“ од Сибо, добитник на „Пегаз“ за 2022 година. Книга која не те остава на раат. И меѓу другото, бидејќи е книга за Скопје, се сеќава на урнатините и на луѓето под нив. И луѓето што останаа.

На крајот од текстот има аудио-читање од Рубенс Муратовски.

Во сеќавање.

“Излезе надвор и сфати дека звукот што ја вознемири доаѓаше од Зоолошката. Првин се слушаа кучешки завивања, потоа им се придружија гласовите на други животни. Околу домашни кучиња исто така не престануваа со завивањето. Се слушаше дури и затегнувањето на синџирите од напорот на врзаните кучиња да избегаат. А, денот според календарот беше летен свети Архангел Душовадец. Мици знаеше дека нешто не е во ред. Со тој немир се бореше до разденување. Се плашеше да не се случи пак поплава, иако беше суво лето, а и овој ден беше без ниедно облаче. Реши ноќта да бдее над детето, се качи на катот со него и ги отвори и двете крила на прозорецот. Реши да не си ја облекува ноќницата, да спие облечена, а дополнително си облече и чизми.

Некаде подалеку, паркетарот од хотелот „Македонија“ го разбуди цела сурија глувци што во панично бегство ја напуштаа зградата.

Завивањето конечно запре и тоа ја успа Мици до колевката.

Нема да ги слушне, ниту да ги види огромните јата птици што се кренаа кон небото. Гулаби, ластовички, ќосови, врапчиња, чавки, пајки, славејчиња, кукавици, гаврани, гуски, страчки, штркови и по некој галеб. Ќуковите и соколите последни ќе полетаат. Панично ќе се групираат, дури и со друг сој, ќе ги оставаат јајцата што ги квачеле, ќе го затемнат небото на неколку моменти. Кокошките ќе останат да им љубоморат од долу. Нивните крици и трепетот на крилјата ќе разбудат по некој скопјанец.

Одеднаш, Мици ја разбуди плачењето на бебето. Врескаше како никогаш дотогаш. Не помагаше ништо. Ја нункаше колевката кога од земјината утроба се чу морничав татнеж. Ѕидниот часовник на приземјето и големиот часовник на Железничката станица, засекогаш ќе останат на пет часот и седумнаесет минути.

Земјата рикна и траорно си ги повика прашината и камењата да се откажат од своите градители и да се вратат при неа. Беше гладна за човечко месо и ги отвори своите пукнатини од Ѓорче преку Градскиот парк, па кон центар. Целото подрачје од околу 16 квадратни километри го здроби. Најмногу настрада потегот од Техничкото училиште до плоштадот „Слобода“. Само десетина секунди ќе бидат потребни за да го смачка градот.

На земјата веќе нема да ù биде гајле за своите граѓани. Ќе ги натера сите градби да клекнат пред неа и да ù направат метанија. И потоа да се вратат при неа. Прва се поклони тврдината Кале. Беше кутната на колена и потоа растурена. Со векови им се спротивставуваше на стихиите, овој пат не можеше да преживее. Високите тврдини што гордо се издигаа над Вардар, на 26 јули се претворија во куп урнатини. Беа уништени ѕидовите од османлискиот и од византискиот период.

Не, земјата нема да ги види огромните новоградби и масивните повеќекатници како паѓаат како кули од картон, затрупувајќи илјадници кои се затекнале во постела во утринскиот сон. Градот веќе не постоеше. Сè беше густа магла од прашината од урнатините.

Земјата нема да ја интересира што ќе се види кога ќе се спушти правта. Нема да ù биде гајле дали ќе настане ужас. Нема да ги слуша викотниците на затрупаните.

Со силниот подземен татнеж и од тресењето и кршењето на зградите, земјата ќе принуди да ù се поклонат Куршумли-ан, Католичката црква, Џурчинер-амам, Сули-ан, Алаџа џамија, синагогата Бет Ахарон, исхакбегова џамија, црквата „Св. Константин и Елена“, Султан-Муратова џамија, синагогата Бет Јаков, Мустафа- пашина џамија, Безистенот, црквата „Св. Спас“, Даутпашин-амам, Чифте-амам, Саат-кулата, Јајапашината џамија, манастирот „Св. Пантелејмон“.

Земјата ќе ги понижи Феудалната кула, Аквадуктот и симболите на плоштадот, офицерскиот дом и Народната банка, трескајќи ги во налетот на својот гнев, пред воопшто да клекнат.

Земјата нема да прави разлика дали урнала училишта, фабрики, болници. Нема да ù е гајле за кината, театрите и музеите. Нема да дискриминира, ужасот го овозможи на сè што се наоѓаше над неа. Деца, роднини и пријатели. Земјата нема никогаш да ни каже дали нè сака или нè мрази.

Нема ни да ù привлече внимание кога ќе се урнат хотелите „Македонија“ и „Скопје“. Нема да ги праша случајните туристи дали сакаат да останат тука засекогаш.

Земјата како црница, а не како поим за држава, ќе биде рамнодушна кон нас, иако неодамна преживеавме голема војна, што не ја предизвикавме. И загубивме многу повеќе луѓе. Дека гиневме поради неа. За да може да кажеме Македонија е слободна. Да викнеме „жива е Македонија“. Така си ја викавме мајката земја. А, таа ни еба матер.

На грутката ќе ù биде гајле што, поради војната, Скопје доби цели две нови населби, кои беа истерани од сопствените огништа, само затоа што се Македонци. И од мака ќе ги наречат новите живеалишта по нивните веќе непостојни: Мичурин и Острово. И тие ќе страдаат заедно со скопјани. И во иднина тие ќе ја почнат новата општина.

Ќе биде рамнодушна кон тоа што штотуку го обновивме градот, изградивме нови згради, заличивме на град. Еве, токму ноќва едно семејство со уште други девет семејства славеше што добило нов стан. Никој не преживеа.

Земјата само ќе подждригне дека ќе ја нахраниме со трупови кои нема да има кој да ги испрати, бидејќи сите загинале. Ќе ù закачиме по некоја проста штица на гробиштана со прости наслови: „Непознато дете“, „Непозната жена од 30 години“.

Земјата нема да пресметува и да гледа броеви. Карпош Два, зграда 13 ништо нема да ù значи. Од оваа зграда ќе извлечат само еден неповреден. И тој ќе биде еден од тие што не настрадаа. А, другиот број, исто така, нема да ја интересира мајката земја. Нема да размислува дали ќе страдаат нејзините граѓани. Нема да ја ин- тересира смртта. Ниту дали е гадна кон нив. Ништо нема да ù значи животот. На ниеден загинат. Ни човек, ни животно.

Нема да размислува дека мајка на мртво дете ќе ги моли гробарите да ù најдат барем една играчка за спомен од затрупаниот син. Уште помалку ќе ù биде гајле за фотографот дали ќе полуди, затоа што мора да ги евидентира сите трупови само затоа што е единствен кој има фотографска опрема.

Нема да ги забележи двете другарки што мораа да се возат со камионот полн со трупови, затоа што нивните родители се меѓу нив.

Земјата никогаш нема да ја слуша приказната за инженерот што ја ставил ќерката на душек и заедно со постелата ја фрлил од прозорец. од четврти кат. Девојчето повредено, но живо. А, инженерот, неговата жена и неговиот син не. и земјата нема да сака да знае како е да се избере кое дете ќе живее.

Земјата нема да знае како е да ти гори грлото, јазикот да ти е сув, а устата полна со прав. и да седиш во темнина 77 часа. Никогаш нема да умре гола или да преживее гола. Никогаш нема да изгуби сè.

Земјата ќе икне, кога ќе ја урне касарната токму во моментот кога од неа излегле 500 војници, а други 500 чекале построени да влезат.

Воопшто нема да чита за управникот на скопскиот затвор, кој во тој момент ги истерал затворениците во двор на стрижење, па така ги спасил.

Или за таткото, кој умирајќи под урнатините, ги учел своите три деца како да викаат и да удираат тула со тула за да ги чујат спасувачите.

Ниеден живот за земјата нема да биде свет и нема да се радува кога човекот кој под урнатините ги нашол мртви своите четири деца и жената, само кученцето го откопал живо.

Нема очи земјата за да ù се насолзат, затоа што ќе ги види ки- лометарските конвои со деца како го напуштаат градот.

Земјата нема да чувствува благодарност кон војничињата на ЈНА, кон пожарникарите, милицијата, рударите, кон југословенските служби што и самите изгубија свои блиски и спасуваа туѓи луѓе, кон секој што подметнуваше голи плешки под тешките блокови бетон, само за да спаси уште еден живот.

Нема да ù биде гајле кој прв дошол напомош отстрана. Дали скопскиот гарнизон, кумановци, тетовци, милицијата. или немоќни деца што си го извлекуваат другарчето од урнатините, затоа што немаа време да ги дочекаат возрасните.

Нема да ја трогне веста, дека цел свет ќе се обедини да ги спасува скопјаните од урнатините, а потоа ќе го гради градот од почеток. И кога ќе немаат покрив над главата тие што преживеаја и ќе седат во кал со месеци, имајќи ги само спомените.

На земјата ù е гајле дали ние ќе ја сакаме или ќе ја пцуеме. Таа ни се издра, нè смачка и нè погреба живи. Дали скопјани ќе останат овде или не, тоа е наш, а не нејзин проблем.

Земјата само мрзливо ќе си ги мрда своите плешки, својата одвратна утроба со недели, сè додека не ù стане удобно. Потоа пак ќе нè пушти да правиме што сакаме. И нема да ù биде жал. Арогантно ќе нè чека сите да завршиме во неа.”

Книгата ја има овде.

Коментирај