Извадок од Скоро Парижанка: Како да ги преживееш своите доцни дваесетти… Во Париз

1.

misjuПариз е совршен во пролет. Топол е, има сонце, Французите се излезени, седат во слатки кафичи, пијат кафе, пијат вино. Врие од туристи, кој дотеран и убеден дека мора двојно повеќе да се дотера затоа што е во Париз, кој со ранец, кој без идеја кај се наоѓа, а сите подеднакво досадни за намрштените локални жители на кои им е преку глава да одговараат на „ИЗВИНЕТЕ МИС-ЈУ, КАДЕ Е МОНМАРТР“, кога Монмартр е веднаш зад аголот. Средени жени, згодни мажи, благо, цигари, кондури, Арапи, сувенири, сиво, зелено, метално… Прекрасен.
Само што, не е воопшто пролет, туку е 2-ри јануари, по улиците има разводнет снег, сите се нервозни дека мораат назад на работа, а градот се обидува да го излечи мамурлакот од Нова година – што беше всушност и мој проблем. Коктелите, ма колку и да се шарени и привлечни, треба да ги служат со етикета: „има да зажалиш што мешаш жестоко со шеќер и никој нема да ти биде крив“.

Јас никогаш не пијам, но оваа година, решив да се опуштам малку, што се покажа како доста болно наредното сабајле. И сабајлето после тоа, исто така познато и како сабајлето кога имав закажано гинеколог.
Седев во чекалната, голтав од малото еспресо што ми го даде асистентката на докторот и се обидував да се потсетам дека јас, сепак, сакам да станувам рано. Немаше никој, само едно мало женче на рецепција, кое му трепкаше на лаптопот пред неа, сигурно обидувајќи се да се помири дека и денес ја чека еден тон папирологија и досадни пациенти, со уште подосадни дунди што ќе доаѓаат во текот на денот. Почнав да правам една глупава работа што неретко ми се случува да ја правам, да се прашувам за соништата, желбите и приватните животи на случајните луѓе што ги среќавам.
Оваа мажена ли е? Си ја сака ли работата? Дали сонувала да има свој ресторан? Да биде стриптизета? Можеби патувала со Ролинг Стоунс кога била млада? Дали членува во библиотека? Дали сака да ја врзуваат за време на секс?
Кај 16-тото прашање кое мислам дека беше „дали некој ја налутил на Нова година“, ме прекина отворање на вратата од чекалната и влезе едно познато лице. Лице со долга и шатирана коса, убаво, но не премногу, таа згодна, но не премногу, дотерана – премногу, се одзива на името
‘Мел?’
Мел ја поткрена главата да види кој ја вика. Имаше огромни очила за сонце, Господ знае зашто, со оглед на тоа што сонцето изгреа пред само 12 минути, но секако можев и преку нив да видам дека не беше пресреќна што ме гледа таму. Веројатно има и други причини што луѓето закажуваат на доктор толку рано, додека Париз се спрема за работа. Не сакаат некој да ги види.
‘О, здраво,’ рече Мел, запрепастено. ‘Од сите места на светов, баш овде да се видиме?’
‘Па јас секогаш договарам кафиња тука, ова ми е омилено место,’ успеав да ја склопам првата пристојна реченица откако станав.
Мел изгледа не ја сфати мојата секако глупа шега. Седна до мене, ги извади ракавиците и малку насилно ги напика во нејзината кожна ташна. Мел многу сакаше да тврди дека ја бива за мода и секогаш го купуваше тоа што модната недела во Париз ќе го прикажеше како добро, без разлика дали изгледаше смешно, или не. Мел всушност, беше таа што пред неколку години ни дојде БЕЗ веѓи и не убедуваше дека е тоа „најновата ствар“. Имав кошмари една недела.
Дали Мел била дебело дете? Повторно ќе почнев со безгласните прашања, кога се отвори друга врата, и ме викна докторот.
Влегов внатре и му се насмевнав. Тоа беше еден опасен доктор, стар, со проникливи очи и многу супер смисла за хумор. Знаеше колку се мачам со мојот искршен француски, што веројатно звучеше толку лошо, што беше навреда за неговите уши, па беше доволно љубезен да ми се обрати со шармантен англиски каков што само Французи можат да изустат.
‘Некакви грижи што сакаш да ги продискутираме?’
‘Не.’
‘Нови партнери?’
‘Од последниот, не.’
‘Значи, вообичаеното?’
‘Да, благодарам.’
Луѓето што не прават празни муабети се прекрасни.

parizanka

Додека лежев на бокс, си размислував колку е смешно што имам „вообичаено“ овде. Истовремено и колку сум среќна што имам „вообичаено“ овде, затоа што имав среќа да доаѓам само за рутински прегледи. Мојот благо досаден љубовен живот сепак не ме донесе до конизација.
И откако допре и виде каде што човек нема да види по втор пат, ги кажа најсовршените зборови што жена во 2013 година може да ги чуе под гинеколошки кров – Се изгледа совршено – и ме прати дома.
Кога ја напуштав ординацијата, ја напуштив и Мел, која ми упати „те молам, веќе оди си“- насмевка и излегов конечно да ја видам светлоста на денот.
Изненадувачки, немаше само дневна, туку и сончева светлина, што беше многу фино и радосно, па заборавајќи го дводневниот мамурлак и силното еспресо од претходно, отидов во еден мал кафич на Пастер да се освежам малку. Мислам, сепак се соблеков пред човек што го гледам еднаш годишно, значи заслужив нешто бескрајно чоколадно.
Може треба да напишам книга за женана на рецепција? Би го читал ли некој тоа? Јас не би.
И келнеров не би, веројатно.
‘Топло чоколадо, ве молам, и целиот шлаг на светов.’

-Прва глава од „Скоро Парижанка“, од moi.

(Во Арс Ламина, Три, ИлиИли, Матица и Култура)

Advertisements

Коментирај

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s