Некад ги сакаш луѓето зашо ти се роднини и се генерално фини, некад зашо сам си ги избрал и си створил убав однос со нив, а Ина ја сакаш зашо меѓу другото за сакање, ти праќа линк од филмот Perfetti Sconosciuti (Perfect Strangers) и ќути.
Прочитав краток опис, одма симнав, одма изгледав, паднав у несвест. Филмот е прејак. Ќе го рипнам елаборатот за тоа зашто „европска школа си е европска школа“ и ќе ви кажам дека од лаптоп или телевизор од дома, ќе го добиете она финото чувство како да сте излегле од театар, со комплексни ликови што имаат повеќе нивоа, со издржани дијалози што во ниеден момент не отскокнуваат од рамката на нормални разговори што ги водиме со луѓето околу нас, и ќе се осеќате како да сте со луѓето на маса.
А, муабетот е следен:
Неколку пара се договараат да истераат една пријатна вечер, додека не им текне да играат игра „телефоните на маса, и секоја порака и позив што ќе стигнат ги кажуваме гласно“. Ова е се разбира језиво глупа идеја, ама не како за сценарио, туку како за концепт што само на луѓе може да им текне, па и тоа како можете да се замислите себеси во слична ситуација.
И се разбира, понатаму, дали некогаш излегло нешто добро од комплетна, најкомплетна, безкомпромисна искреност? Ќе мора да видите, топло препорачувам. Паѓаат маски, учиме како се реагира во одредени ситуации, и се тоа во комбинација со одлична режија, едноставна а привлечна фотографија и одлична актерска игра.
Филмот е забавен од прва до последна секунда. Одам да барам слични и ќе ве известам.