Квар на телефонот и недостапност на компјутерот ме натераа да прочитам неколку книги една по друга. Малце како да се вратив пред 10-15 години, и ми се засвиѓа тоа.
Како и да е, не можете да идете на плажа без книга, затоа што ако ја нема комбинацијата на Инстаграм – џабе сте давале пари, така што, да видиме…
Инферно – Ден Браун
Филмот треба да искочи за некој месец, така што, ако сте ја пропуштиле книгава, и ја прочитате сега, се смалува времето на чекање додека да видите како тоа ќе го решат на филм (го гледав трејлерот, и така да кажам, шознам.). Ја отворив со резерва, затоа што Ден Браун досега најбезобразно пишуваше по калап и проверена формула, ама овој пат се гледа дека се потрудил да излезе од комфорот и убацил нови и неочекувани моменти. Ако сте му фанови, тогаш уште повеќе ќе ве воодушеви. Овој пат е Фиренца, Пеколот и Данте Алигиери. Длабоките писатели и со класична литература напукани читатели нека зборат колку сакаат дека Ден Браун е комерцијала и дека не вреди, книгата сериозно те замислува и како и сите негови до сега на крај те остава замислен за иднината на светот. И измислена е за опуштени попладниња.
Тајната на сопругот – Лиен Мориарти
Оваа книга е бестселер на Амазон, и искрено, кога ја купив очекував поголеми компликации од приказната, а оно искочи малце посериозни Desperate Housewives. Како и да е, книгата е супер за на одмор и цело време е интересна. Неколку испреплетени животни приказни, мистерија, главни женски ликови, за некои навиваш, некои ти идат на нерви, а при крај веќе седиш малце и на игли, во очекување како ќе се отплетка работата. Си има книгата целна публика, и ако сте по такви приказни, нема да згрешите за на плажа.
Ќерката на Клеопатра – Мишел Моран
Ова е прилично тупа приказна со, според мене, разочарувачки крај, по некоја дупка во заплетот, но сепак со супер описи за животот, политиката и уредувањето на стар Рим и по малку Египет. Писателката е иначе археолог, и очигледно многу повеќе ја бива за архитектура, мавзолеи, библиотеки и столбови, Клеопатра и Октавијан, отколку за склопување приказна што ќе те остави без воздух, ама книгата сепак не е до толку за фрлање. Ако сте од тие што не стануваат и легнуваат со Заратустра, како СИТЕ МАКЕДОНЦИ ШТО СЕ НАЈДЛАБОКИ У СВЕТ и многу филозофија читаат, можда и ќе си поминете убаво со книгава.
Бонус: Ќе ве тера да ги гуглате ликовите коа ќе ја завршите.
Пред овие, прочитав една книга од македонски автор, современа, многу глупа, и за таа нема да збориме.
После овие ја прочитав „Знакот на четворката“ од Артур Конан Дојл и таа не беше ништо посебно.
За „Исповеди на еден психотичен ум“ ви пишав тука.
Не ми е страв – Николо Аманити
Оваа не е баш најнова, ама непријатен трилер каква што е, ќе ве олади и на плажа и на тераса по дома. Напишана да ви створи во глава филм како од Џузепе Торнаторе, со наивен почеток и тежок заплет, приказната е за луѓе на кои што книга за на плажа не им е еквивалент на шарен коктел. Од истиот автор можете да ја побарате и „Последната Нова Година“.
Други предлози се апсолутно добредојдени во коментари тука и на Фејсбук.
Пријатно читање,