Малце едукација од Тина:
Денеска започнува “Spring Wine Festival” 2016, а ќе трае се до недела. Скопје пет дена ќе има можност да ужива во безброј вински вкусови на најдобрите македонски винарии, како и во деликатесни мезиња. За сите гурмани и обожаватели на чашка добро вино, подготвивме еден мал едукативен текст- како да комбинирате храна и вино како и кои сорти на вино вреди да се дегустираат на овогодинешното издание на фестивалот. Убавината во ова петгодишно дружење со „Пролетниот вински фестивал“ е тоа што може да се напиете квалитетно вино по промотивни цени, пониски и од продавница, нешто што секако е голем плус.
- Со предјадењето и студените млечни производи секогаш се пие бело или црно вино со следниве карактеристики – суво, полусуво, лесно слатко.
- Пршутата и сувомеснатите производи се служат во комбинација со розе светло и суво вино.
- Пржената риба и морските плодови одлично се сложуваат со бело суво вино, додека печените риби на скара задолжително одат со силни бели и црни вина, сув шампањ или бели ароматични вина.
- Кога се работи за месо печено на скара, прав избор се црните суви и млади вина.
- Тестенините со млечни производи најчесто се служат со розе или црвено младо вино, додека зачинетите тестенини со сосови се комбинираат со богати црни вина.
- Темното чоколадо е одлично во комбинација со црно или со бело вино. Разните видови чоколадни бонбони повеќе одговараат со сувите вина. Браунис колачињата, исто така, се многу добар избор.
- Јагодите, малините, боровинките, калините одлично одат со виното. Доколку немате свежо шумско овошје, тогаш можете да ставите неколку замрзнати плодови во самата чаша. Ќе добиете интересен аранжман и подобар вкус.
- Индиските оревчиња или фстаците се секогаш наједноставниот и највкусниот избор со секое вино. Доколку ги конзумирате со слатко вино, на индиските оревчиња може да им додадете и малку цимет за подобар вкус.
- Ако на менито имате само салата, не пијте тешко црно вино, бидејќи салата едноставно ќе се „изгуби“ во виното. Ако пак, јадете храна полна со протеини, како тешко месо или шпагети со болоњезе, тогаш не се препорачува бело вино, ни црно послабо. Земете малку потешко црвено вино кое ќе ви помогне во варењето на тешката храна.