После долго договарање и откако ни се намножија поводите за частење, со омилените особи конечно седнавме во Peking Garden да си ги оствариме потребите за Asian cuisine. Знаев дека ќе ми се свиѓа, ама дека до толку ќе се воодушевам и ќе паѓам во несвест не очекував.
Откако не смести една прекрасно љубезна девојка, и нарачавме сто литра вода, дехидрирани од многу книги купување (претходна станица беше Саем на книга), добивме мени и после 15 минути преговори, конечно одлучивме дека ќе јадеме Гонг Бао луто пилешко со кикирики и зеленчук (што изгледаше прекрасно, а јас за жал, не се знае зашто ја немам сликата), луто пилешко со лук, слатко-кисело свинско, ориз и чипс од ракчиња.
Луѓе, ова беше најдобриот ручек во последните десет години, не претерувам. Не знам колку години поминаа од последниот пат кога пробав вкусно јадење и првата реакција ми беше „ГОСПОДЕ БОЖЕ!“
Прво све тоа изгледа совршено до тој степен што нема потреба ни од филтер на Инстаграм. Второ, таква експлозија од вкусови нема начекано ни во кинески ресторани во странство. Трето, атмосферата е боговска, на самата улица Максим Горки, со персонал што пријателски ти советува што да нарачаш и апсолутно е во право.




Не дека ова ни беше малку, напротив, ама и не дека не снема се од маса. Што не беше причина да се воздржиме од благо.
На мени имаше карамелизирано овошје и пржен сладолед. Јас земав ананас, и тоа самото по себе беше фантастично спремено и сервирано – го сервираат во топол карамел заедно со чинија вода, парчето се става во вода и после се јаде. Ви текнува на топениот шеќер што дома никако да ви успее? Е па во Peking Garden и тоа како им успева.


Сега, ви се извинувам што сте веќе на врата, облечени и спремни за јадење 🙂 Ресторанот можете да го најдете на Максим Горки, одма до Лондон Паб, можете да седнете од напред, а има и тераса позади. Ако не сакате неодлучно да зјапате во менито пола саат кога ќе стигнете, го имате и овде на нивниот сајт, па можете од дома или од кола да одлучите. И обавезно прашајте ги што ќе препорачаат.
На Фејсбук лајкнете ги тука затоа што цело време имаат супер понуди, а на Инстаграм ги имате тука.
Пријатен ручек денес 😉
One thought on “На ручек во Peking Garden”