
Со оглед на тоа што последен пат се имам извадено од памет на краток филм на Јутјуб од еден шведски режисер, почнав да губам надеж дека хорор жанрот ќе продолжи со темпото што го почна во средина на 2000-ти, кога почна да пропаѓа slasher-от, се разви мистериозното и надреално страшното, а ширењето на корејски и јапонски хорори на запад остави многу измочани гаќи.
Затоа и кога еднаш годишно ќе се појави добро осмислен хорор, денот на гледање треба да се прогласи за неработен и да се наздрави.

Искрено, The Boy не знам дали ја заслужува најавава, како што на пример El Orfanato ја заслужува (и не му е ни доволна), ама сигурно нема да ве разочара.
Меги од Walking Dead, е Американка што оди да чува куќа и дете во Англија. Куќата се разбира страшна, а домаќините се разбира чудни. Наредната реченица не е спојлер затоа што ова го има во трејлерот: проблемот почнува кога детето што се вика Брамс, сите ние заедно со Меги
дознаваме дека е една гадна кукла, што мајката и таткото мртви сериозни викаат дека треба да и се пушта музика, НЕ СМЕЕ ДА СЕ ПОКРИВА и треба нежно, но гласно да се буди од спиење. Меги почнува да се смее, а јас викам, тука пакувам куферите и марш сосе куклата и сосе гранапџијата што и носи намирници да јаде.

.
Ама нели филм.
.
Детски гласови, кукла, голема куќа со скапа ламперија и семеен портрет што цело време го чекаш да мрдне се супер рецепт. Ако додадете на тоа и сумњива семејна историја, за која што чаршискиот муабет е дека “е чудна”, плус главната улога, мислам дека ќе ви биде прилично забавна вечер.
.
Филмот не изобилува со сцени што вадат од памет, ама цело време е интересен. До крај ќе нагаѓате што е работата и доброто е што моменталната ситуација со жанрот толку ве има навикнато со едно-те исто, што најверојатно нема да погодите. Трејлерот не го гледајте ако не сте го гледале, за да може да не знаете ништо освен ова што ви го кажав.
.
Да се гледа.