Март помина многу добро. Го почнав Skopje & Me, отидов во Париз, успеав да завршам еден куп ствари таму, да се запознаам со Forever 21 и да се заљубам на прв поглед како на времето со H&M во Лондон. И да го купам ова <3.
Почнувам од денес да пишувам за Омилени ствари (некад за последниот месец, некад за подолго), не од што луѓето богзнае колку ги занима што тоа мене ми го прави денот подобар, колку што сум сигурна дека бар еден човек ќе рече „еј, јако“ и ќе му биде добро како на мене.
Значи вака:
1. ЈАНА ВОДА
И тоа не било која амбалажа. Откако го открив шишето со цуцла од 1л. пред неколку години, на мое големо задоволство и без нешто да му ја мислам многу – не поминува ден без да испијам и повеќе од доволно вода. Затоа што амбалажата е доволно содржајна да не мораш да стануваш на секои 5 минути да пуниш вода (затоа што, да се разбереме – нема да го правиш тоа), и доволно мала да не мораш да се мачиш. И доволно со цуцла за ич да не мора да се мачиш со капаче (мене тие ситници ме нервираат и гледам да може све тоа со една рака). Значи, bottom line, ако не пиете доволно вода, купете вакво шише и ќе пиете. Името е само симпатична коинциденција.
2. WIZZ AIR
Патувањата се се уште прескапи за наш стандард. А и да има човек пари, кога ќе стаиш на вага пристоен лет за 20 евра и малце пофин лет за 320, што па да не ја потрошам разликата во Forever 21? Напорен ми беше тој стрес со „дали ми е преголема торбата“ и тие работи, ама кога во ноември си спакував нормален рачен багаж и тргнав да се качувам во авион на Austrian (тие од над 300 евра), и кога ми рекоа „девојче, не ја собира торбата во нашево глупо кафезче за торби“, Wizz Air престана да ми биде проблем. Штом така, тогаш многу малку го одвојува од скапите авио-компании, а разликата во цена е огромна. И пак те носи во Париз. И во Минхен. И во Милано. А летово се надевам и во Барселона. Така што, стварно фала Wizz Air.
3. DOMINO’S
Дали знаете дека Доминос ми е една од омилените фирми во моментов? Не само затоа што е пицата совршена до степен да ти изреагираат сите сетила, него и како одлично они функционираат. На пример, како една особа уредно освестена за здрав начин на живот имам внесено 5 адреси за достава на мојот профил, па откако ќе се јавам да нарачам, љубезно ме прашуваат „за која адреса?“ и „дали како и минатиот пат…?“ и никогаш не коментираат дали имам мозок што нарачувам трет пат во неделата. Доаѓаат за пола саат, тебе ти се продужува животот за неколку години од среќа, и можеш да гледаш филм. Значи, прекрасни.
4. Nifty
Откако почна модата со „како да направите’ видевца на Фејсбук, се изнагледав еден куп рецепти и life hacks што никогаш не ги употребив. Ама има едно од тој тип, на BuzzFeed е, Nifty се вика, и многу одмара очи. На пример, како да сокриеш грд рутер (што е искрено малце глупо затоа што можеш да го угушиш, ама идејата за криење ствари е добра). Или како да не ти виси телефонот на кабел кога го полниш на висок штекер. Или ова, што ќе го направам.
5. The Row
Малце те праат ко без веѓи, како што може да се види на една од сликите тука, ама па, јаки се многу. Моите ги купив од рандом продавница во Париз. А вашите дали ќе бидат баш The Row, или пофраерски ви е #bitpazarstreetstyle #fashion #glam оставам на вас. Дека ги има секаде, во секоја варијанта и од 100 денари до 1000 евра – ги има, па бирајте.
6. Golden Rose молив за уста бр. 521
Долго време барав молив за уста што ќе биде доволен сам, со лабело. Од немукает, или од пребирливост, долго не наоѓав, и на крај добриот, верен Golden Rose понуди. Одличен е, долготраен, имате поголема уста и сите се посреќни.
7. Sattwa крем за лице на Алкалоид.
Прво да ја искористам приликава да им честитам на Алкалоид за умешноста. Sattwa е веројатно еден од најдобрите, ако не и најдобар крем за лице со високо-ниска цена што сум го користела. Прво го пробав портокаловиот со витамин Ц, во моментот го користам зелениот, со овошни киселини. И двата се одлични, мене поише ми одговара првиот и ќе го купам пак. Лицето никогаш не ми било посреќно. Претходно, за споредба во муабетов, ставав Eucerin. Исто неприкосновено одлични, ама лицето само така, задоволно, не и пресреќно. Ги има во Веро и во Космо, толку знам. Топло препорачувам.
8. Стик за усни на Галафарм

Значи, не се шалам, и за машки и за женски. Другите ствари можам да ви ги предлагам, па да се дискутираат, па на кој како му одговара… За ова инсистирам. Супер лабела има по град, ама за ова нека не ве лаже ни едноставната амбалажа, ни цената од 50-тина денари. Ова е најсовршеното лабело во свет. Мислам дека изгореници од 18-ти степен да имам на уста, ќе ми ги среди за пола саат. Обавезно да се проба. Се вика Галапро и до сега сум го начекала во Еурофарм и во Космо.
9. Lucifer
Почнавте да гледате Lucifer? Затоа што јас сум до фазата кога сакам да се дружам со ликот, и заедно да превртуваме очи на све глупо што луѓето се способни да го измислат. Во случај да не сте почнале, имате 10 епизоди за гледање пред да почне периодот на чекање по една неделно, а се работи за Ѓаволот лично, како му се смачува наметнатата улога на господар на Пеколот, дава отказ и си отвара клуб во Лос Анџелес. Ако и ова не ви е доволно привлечно, се удружува со една детективка и серијата станува обична крими серија, со криминал не толку комплициран како во CSI, ама дефинитивно поинтересна за гледање кога ќе сфатиш дека Луцифер нонстоп нешто изводи и по пат учи како живеат луѓето и зашто, добога праат така?!
10. Airbnb
Зошто е толку добро, на долго и широко пишував овде.
Ете така. Ако некој се инспирира да проба ново, или да го зацементира старото, би ми било драго.
Te poslushav za portokalovata krema na sattwa i ok e 🙂 tnx
Ми се допаѓаLiked by 1 person
мило ми е 😉
уште ми трае зелената, ама портокаловата мислам дека е боље.
Ми се допаѓаМи се допаѓа