Скопје а? Хмм… Пред неколку дена се затекнав себеси како се чудам на чудново име на нашиов град СКОПЈЕ, а во следниот момент кога престана чудењето се потрудив да се замислам како би изгледало да живеам во друг град. Не дека е Скопје најпрекрасниот град на планетава па неможам да го напуштам, но како да помина малку повеќе време мислејќи на темава. Се присеќавав како сум се чувствувала кога сум била во друг град (не дека сум се изнашетала во животов)… несигурна, затворена, изгубена, неисполнета, едноставно чудно. Овде, од Маџари до Ѓорче знам секоја улица како дише, знам кое тобако работи кога ќе ми снема цигари, дури и во сон можам да си го поминам булеварот Климент Охридски, се шетам низ центар во ситните часови, одам во чаршија во 1 по полноќ, се собирам во 4 сабајле, возам со точакот во ниедно време од центар до Железара, некогаш возев и до Волково…
Знам дека го познавам Скопје и тоа ја одржува сигурноста во мене, го знам мирисот на секоја улица, точно на секоја, знам и по која улица зошто сум поминала, знам и како сум се чувствувала, знам на која улица со кого сум се сретнала, тоа се спомени кој никој не може да ми ги земе. Знам дека во Капиштец најубаво мириса делот кај најубавите ни пицерии, нема шанси да не ти се пријаде кога поминуваш од таму, знам дека кејот секогаш ми мириса на кафе, знам дека чаршијата 20 години мириса на кебапчилниците ама една ни е чаршија и најубава ни е, знам дека една од најбучните улици е мојата, пред зграда дискотека и ноќен клуб, а позади зграда студентски дом, врв, во исто време имаш комбинација на тропање со штикли, нервозни шоферчиња од по едвај 20 години со на татичко колата кои пцујат се живо зашто немало место за паркинг баш за нивната кола, као да е ова авенија со 5 ленти и има место за 500 коли да се паркираат, после тоа слушаш благохистерично смеење на неколку девојчиња кои ја натопиле вечерта со по некоја чаша од омилениот алкохол, излегуваш на терасата која гледа во студентскиот дом и овде има: некој се натрескал и пее некоја шабанска песна од којзнае кој , друг излегол на прозор непознато под дејство на што и се дере колку го држи глас “Иренааааааааа те сакааааааааамммм!!!!” само он и Господ знаат зошто го прави тоа… и секоја вечер со различни испади во моето маало до кај 4 часот кога 90 % од ликовите што се удирале од земја по дискотеките ги истерале од истите, сега има нова тура на галамење, само што овој пат не можат ни самите да се разберат што зборуваат, а уште помалку јас би можела да слушнам кои зборови им се врзале во чвор. Е, сега после таа група на невоспитани дечишта може да размислам да си легнам. Веќе со текот на годините некако и се навикнав да престанам да ги слушам.Скопје сам по себе не е грд град, со исклучок на неколку безвезно поставени споменици (не сите велам некои) и вртелешка која чини премногу пари кои ќе беа многу попотребни на децата кои со години чекаат донации за операции да би преживеале, убав е, посветол од претходно, помодерен, сега има каде да се прошета некој што прв пат го посетува, има каде да се слика истиот тој некој, има каде да пие кафе и притоа да има убав поглед. Се си имаме во Скопје, само ни недостигаат уште пар години да достигнеме пред почетен стадиум на култура и самосвест, другото си е таман. Не можам да не го сакам градов, ама среќа што немам кола, зошто до сега ќе ја искршев од дупките по главните улици низ Центар, а и пошироко. Кога ќе размислам поубаво има и градови со полоши услови за живот, па си се прашувам: Што ќе правев јас да не се родев во Скопје? Најверојатно ќе збеснев од досада па ќе мораа моите да продаваат тоа нивите да ми купат стан во Скопје, да би работела за 12 000 денари по 100 саати и на пола месец да им измислам некоја јака причина да пратат пари зошто мојата преголема плата се потрошила на сметките за струја, парно и слично.
Супер.
П.С. Текстов не е ироничен, но е дволичен, да би можеле да го разберат и писмените и полуписмените зошто нели сите имаме различно гледиште за животот.
Скопје си е одлично, за фотографирање 😉
Марија Чоневска