Со 6-7 години закаснување, конечно го гледав „La Vie en Rose“, биографски филм за Едит Пјаф.
Очекував многу и филмот стварно ми ги оправда очекувањата. Освен моментот каде што очекував дека тоа ќе биде симпатичен филм, што ќе ми ја нахрани душата и кога ќе заврши, ќе ми остане чувството што ми го предизвика „Полноќ во Париз“, на мир и задоволство. Задоволството го добив, затоа што заклучив дека Марион Котијар и тоа како си го заслужила Оскарот за Едит, ама мирот и храната за очи и уши некако ми прифалеа, со оглед на тоа што филмот ми ја извади душата! Го гледав три дена, што од немање време, што од мука, и целиот мерак и ќеиф што Французите го имаат за прикажување деца во беда и кал, луѓе во беда и кал, и луѓе што реагираат на луѓе што умираат си го направиле тука. Не до толку како што знаат, ама сепак.
Како и да е, веројатно нема потреба да истакнувам дека актерската игра, заедно со режијата се боговски и дека секој вљубеник во француската кинематографија дефинитивно треба да го изгледа филмот, ако му е пропуштен.
Јас, од причина што секогаш се закачувам за споредни ликови, овој пат ќе се закачам за Жерар Депардје. Го игра човекот што ја има откриено Едит на улица, и тежината на неговиот лик се чувствува во текот на целиот филм.
Котијар совршено ја доловува Едит, со сите нејзини специфични карактеристики. Протезата што ја носи за да се истакне грпката што ја имала Едит, периките, купиштата латекс што ги има на лицето и грозните и карактеристични веѓи не би значеле ништо, да не е нејзиниот вонсериски талент. Затоа и решив дека од денес ќе и ја пратам кариерата.
Ете, значи каснам. Ама „боље икад, него никад“, а и ова не е холивудски блокбастер на кој лесно би налетале, па ако не сте го гледале, топло препорачувам.