Скопјани пишуваат: Салеп

Се случува денови, недели и одредени месеци во годината да испровоцираат дилема. Истото се случува и со годишните времиња. Иако се секогаш во ист број, четири, и се повторуваат секоја година, секогаш и со секое нивно пристигање провоцираат дилеми и потсетуваат на прашања кои секогаш остануваат неодговорени. Така се случува и со зимата, иако навидум е посмирена од останатите годишни времиња. Пролетта буди, летото те готви, есента те урива, но зимата, па таа само те покрива. Оставајќи непокривено само една дилема- што најпрво почнува, зимата или салепот?
salep
067

Луѓето направиле распореди, некои дури и точно пресметале кога навистина почнува зимата. Сепак, вистинскиот почеток на зимата е токму на тој студен ден, после кој се редат само други студени денови, а тоа е токму оној ден кога веќе почнува да се пие салепот. Овој зимски знак, останува како вистински знак за почетокот на зимата и студот во многу градови во светот, иако во различни временски периоди во историјата, луѓето имале и зима без студ, и студ без зима.

Истата состојба е и во нашите градови, каде што откако лисјата испопаѓале и птиците се преселиле, луѓето седат во исчекување на денот С. Тој ден на студ, откако ќе се сменат алиштата, се палат огништата, и некако, градот се парализира. Дека овој ден пристигнал, може да се разбере тогаш, кога на секое ќоше салеп наоѓаш.
Со глобализацијата, на луѓето им е зголемена понудата и тие сега имаат разноврсност на пијачки за секој нов ден. Разноврсност, дури и макијато, со пена или без!? Сепак, тоа се пијалоци за цела година. И додека во храната и плодовите сеуште се чуваат годишните времиња, од пијалоците, остана салепот се уште сезонски, и се конзумира само на зима. Можеби има и такви кои и салепот го конзумираат, во секое време и секое годишно доба, но тие не се за пишување бидејќи постои можност да го конзумираат од здравствени причини. На тие им е дозволено да го конзумираат дури и студен.

Ова заради фактот дека салепот е лек и растение, и кога со млеко го пиеме, а сепак не му го знаеме значењето. Некои го посипуваат и со поголемо количество цимет, дотолку што не се знае дека салепот е всушност орхидеја. Според речникот токму: Тревно многугодишно растение со долги листови, обвиткани околу стеблото со собрани цветови како класје и со подземна луковица која што се употребува за припрема на пијалок, како и во медицина.
Салепот, како растение и како пијалок сега веќе е светско наследство, иако луѓето мислат дека се суши во Арабија, се вари воТурција, а ние тука го пиеме. Низ цел свет, во различни верзии на приготвување, во секое ќоше се наоѓа салеп. Но, и покрај присатсвото, секое место и град си има свој ритуал и место каде што се пие салепот. Во нашите градови, во речиси секој од нив, има некое место, кафуле или слично каде што салепот го знаат за свој, и каде што луѓето одат да си го испијат салепот, за да на тој начин, на време и место, да разберат дека зимата пристигнала.
Толку за дилемата и прашањето кое што ќе остане без одговор- кој пристинува прв, зимата или салепот? Има уште многу работи околу салепот кои се знаат или не се знаат, зборови и истории, сепак, останува доволен зборот: пијалоците се пијат, и со пишување не се раскажуваат.

Рамадан Рамадани

Коментирај

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s