Иван Шопов: Зошто го сакам Скопје

ivan sopovМожеби прво треба да се запрашам дали го сакам Скопје. Ако размислам подобро, сакам само некои негови исечоци, фрагменти, исчезнати места, стари фотографии, неколку клупи, грмушки, улици и тротоари. Дали само заради тие фрагменти може да се каже дека го сакам Скопје? Море, сепак го сакам! А зошто?
Го сакам Скопје затоа што мојата интимна географија речиси сосема е испишана овде. Ако треба да ја нацртам мојата скопска мапа, ќе се добие еден сосема поинаков град чија мапа не може да се купи во ниту еден киоск. Моето Скопје се состои од оние места и луѓе што ми се драги, од убавите среќни мигови што изминале и нема да се вратат, од нештата што ќе ме потсетуваат на оние среќни мигови што допрва ќе ги доживеам. Го сакам тоа Скопје и си дозволувам да го наречам мое. А зошто го сакам?
Го сакам Скопје затоа што во него се наоѓа паркингот каде татко ми го паркираше старото фиќо на кое редовно му ги дишев гумите.
Го сакам Скопје затоа што тука се наоѓа паркчето во кое ја стекнав мојата автономија, барем што се однесува до алкохолниот дел од живеењето. А тоа се случи кога во раните тинејџерски години пиев вино со другарите од маало, татко ми помина покрај нас и се направи дека не ме виде.
Го сакам Скопје затоа што има река. Гнасна е, ама река е. И може да трчаш покрај неа. Или да возиш точак, ролерки, а ако си простак и мотор. Исто така, може да гледаш и млади стројни моми што спортуваат на кеј. Секогаш ми биле мотив плус за да се активирам физички.
Го сакам Скопје затоа што има очаен јавен превоз. Ај што автобусите се за во музеј, ама и арома-терапијата е неизбежна. Излегуваш избањат и намирисан, се возиш со некој од музејските експонати и после тоа мирисаш на туѓи мишки. Исто како да не си се бањал. Ако се возиш со автобус, подобро не излегувај бањат. Ете, го сакам Скопје затоа што ми е изговор да не се бањам.
Го сакам Скопје заради градскиот парк. Убави журки и свирки се случуваа(т) на школка. Можеш да си купиш семки, шеќерна волна или да пиеш вода од осум чешмички. А навечер фонтаната е посебна приказна. Можеш да седиш таму и да шмекаш млади моми како на селска чешма. Дома си чувам скршена плочка од стариот мермер, пред да го реновираат просторот пред фонтаната. Кога сме кај паркот, да го споменеме и темниот дел, мошне погоден за практикување љубов и сексовални активности. И тоа е убаво.
Го сакам Скопје заради безобразните вратари во дискотеките. Покрај нив имам добро мислење за себе.
Го сакам Скопје затоа што одам на викенд во Охрид.
Го сакам Скопје заради „Скопско“. Секое ждригање после испиено пиво е воспевање на овој град.
Го сакам Скопје затоа што иако е цело задавено во бетон и асфалт, се наоѓа по некој тревник кај што растат бели ради.
Го сакам Скопје затоа што ги избегнувам местата во него што не ги сакам.
Го сакам Скопје затоа што неговите улици не пребираат дали патиките ми се нови, стари или дупнати.
Го сакам Скопје затоа што има жени по кои може да искривиш врат.
Го сакам Скопје затоа што колку и да сум пијан, секогаш ми успева да си ја најдам домата. А дома е таму кај што ти доаѓаат сметките.
Го сакам Скопје затоа што секогаш се наоѓа згодно ќоше кога ти е зорт за мочање.
Го сакам Скопје заради чаршијата. Егзотика и ориент на чекор до тебе. Некогаш си слушав чалгија на МП3 плеер кога се шетав во чаршија. А сега свират чалгии во живо.
Го сакам Скопје заради тоа што има лоша, крајно нескладна архитектура. Личи на некаков среден хаос, нешто како мојата соба и глава.
Го сакам Скопје заради една скопјанка и заради местата на кои се шетавме и се испраќавме со саати.
Го сакам Скопје заради другарите, роднините, драгите луѓе, ама и заради простаците и лошите комшии. Греота е да немаш со кого да се искараш и кого да опцуеш.
Го сакам Скопје затоа што има каде да се јаде во три сабајле. Може да се дебелееш со пица-бурек кога ќе ти текне.
Го сакам Скопје заради таксистите. Забавни се. Има муабет во нив. Ама некогаш има и повеќе од муабет. На еден му викам да ме вози до соборна, а он ме прашува: тоа беше таа големата во центар? Друг се начукал и ставил неколку празни шишиња од пиво кај педалите. Возеше во спротивна насока и пцуеше сè живо што му доаѓа во пресрет (како во вицот). Ќе изгинев, ама интересно беше.
Го сакам Скопје заради тоа што е метропола и паланка. Ем има многу народ, ем ако се прошеташ на плоштад не може да не сретнеш некој познат.
Го сакам Скопје затоа што е ред троа да се дотераш кога излегуваш навечер, ама не е срамота да переш теписи со црево пред зграда насабајле.
Го сакам Скопје и заради Водно. Тоа е мини-планина создадена за трошење калории. Дење со пешачење, навечер со нешто друго.
Го сакам Скопје затоа што и во гужва можам да бидам сам со себе, а кога сум осамен секогаш има дежурна будала за муабет.
Го сакам Скопје заради „Максим Горки“ и „Партизанска“ (од Карпош 4 до Карпош 1, понатаму не ја сакам).
Го сакам Скопје затоа што има продавачи на стари книги. Си го купив Гете за 50 денари. Багатела.
Го сакам Скопје затоа што во зима може да гаѓаш коли и автобуси со топки снег и пак да останеш жив.
Има уште мал милион причини зошто го сакам градов, ама не може сите да ги запишам.
Го сакам Скопје затоа што го мразам, а тоа му доаѓа речиси исто.

Иван Шопов, Скопјанец

Advertisements

Коментирај

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s