ВАЖНО Е ДА СЕ ВИКАШ ЕРНЕСТ, или важно е да уживаш во театар

 Ако не ја сметаме „Вејка на ветрот“,помина доста време од последниот пат кога излегов од театар насмеана, и тоа не затоа што не можам да се дочудам на некоја идиотштина, туку затоа што така треба да се излезе од театар, со полно срце и под импресии, затоа што си имал чест да гледаш нешто толку добро.
Пред некој ден беше премиерата на „Важно е да се викаш Ернест“, ја гледав претставата и на кратко ќе кажам дека МОРА да се гледа. Значи мора.  Последен пат кога разговаравте со некого за театар или одредена претстава, муабетот беше како „нема веќе добар театар“? Е па, мора.

На долго:

Прво, јас не знам што и е на таа екипа, ама тоа што го прават не се учи во школо. Мислам, можеби се учи, ама треба да ги имаш вистинските афинитети, за да се фатиш за најточното од наученото. Убавината и комплексноста излегуваат од едноставноста, а луѓето инволвирани во овој проект со неверојатна леснотија работат според оваа девиза.
Ако зборувам за сите актери и ликови поединечно, ќе се повторувам, затоа што за сите можам да кажам дека одлично си ја завршија работата, од најмала до најголема улога. Го нема тој „приглумавачки“ впечаток, што упорно некако ги прати повеќето нови претстави (не сите). Се е точно. Се е умерено, колку што бара ликот. Сите се одлични комичари. Сите ги сакаш. Дијалогот е осмислен. Потписот на режисерката е дискретен и крајно впечатлив таму каде што треба. Сценографијата е совршено изведена, да го следи развојот на дејствието и да му ја пренесе атмосферата на гледачот. Костимографката веќе ја коментирав, а и истото ќе го кажам и сега: костимите совршено го отсликуваат карактерот на ликот, а нејзината умешност само ја надополнува работата што ја завршиле режисерот и актерот.

Атанас Атанасовски е (еден) Ернест. Ликот го спремил брилијантно и му додал доза на британски шарм. Ова ви го кажува човек што до скоро во Religious views на Фејсбук имаше напишано ‘John Cleese’.
Еве да речеме дека претставата ми се погодила лично мене и дека зборувам од аспект на сопствениот вкус. Останува фактот дека публиката аплаудираше, се смееше и на крај не сакаше да си оди.

И за крај:
„Имам едноставен вкус. Секогаш сум задоволен со најдоброто“.
– Оскар Вајлд


Театар КОМЕДИЈА

„Важно е да се викаш Ернест“
Режија: Ирена Стеријовска
Улоги: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Жарко Димоски, Илија Илиоски, Зорица Нушева, Нина Деан, Кристина Ласовска, Тања Мицков
Сценограф: Стефан Спировски
Костимограф: Ана Кркулевска

Коментирај

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s