Вејка на ветрот – претстава што ја оправда мојата доверба во младиот и независен театар

Скопје има независен театар. Ете, до толку е метропола. И сите огорчени коментари дека „имаме уште многу фурни леб за јадење“ до концептот на главен град, паѓаат во вода кога се работи за театарската сцена, не само со институциите на кои сме навикнати, туку и со нови, свежи појави кои докажуваат дека квалитетот не е резервиран само за имињата кои ги гледаме, читаме и слушаме со децении.

Претставата „Вејка на ветрот“ ги крши сите предрасуди дека младиот и независен театар не може да го издржи товарот на сцената. Концептот – едноставен, убав и точен. Сценографијата на Стефан Спировски, крајно непретенциозно го обележува просторот и го надополнува она што вришти од текстот. Без спојлери, ќе ви стане јасно кога ќе видите. Одлично завршена работа на костимографката Ана Кркулевска, која успеала карактерот на ликовите да го преточи во нивните костими. И многу, многу точна шминка, дел од претстава што до сега немам сретнато некој да го разбира во основа, како што тоа му успева на Виктор Мирчевски.

Рубенс Муратовски – маестрален. Не се ни сомневав, затоа што не го гледам прв пат и човекот апсолутно си ја знае работата. Одамна немам доживеано таква емоција на сцена, а физичката близина на публиката со актерот, само го интензивираше доживувањето. Она во што, искрено, морам да признаам дека се сомневав, е изведбата на младите актери, затоа што често се случува да не се доизградени, кога се млади. Бивало по други претстави, чувството на совршенство што ќе ти го предизвика искусен актер да е трагично разводнето од младите актери што скакаат околу него, недоучени. Но, на мое пријатно изненадување, овде Рубенс не ја носеше сцената на грб сам. Другите тројца, Атанас Атанасовски, Кристина Ласовска и Драгана Левенска, млади актери што прв пат ги видов како работат, одлично ја износеа тежината на нивните ликови, и бескрајно сум задоволна што ми покажаа дека не е само до годините и искуството, туку се сведува на способноста и талентот.

И за крај, ова ми беше прва претстава на Ирена Стеријовска, и дефинитивно не последна. Чувството за театар и естетика што го поседува оваа режисерка (која симптоматично и крајно освежително решила дека режисерската професија кај жените НЕ подразбира ужасна гардероба), е она што ги склопило сите овие елементи во една издржана и точна целина. Текстот е одличен избор, а денес е умешност да балансираш меѓу квалитетот, минимализмот и едноставноста, и на крај да ги постигнеш сите три.

Убав, убав театар. Топло препорачувам.

Ј.

Коментирај

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s