Редно беше да се појават умни луѓе и на „страшниот’ збор ДИСЛЕКСИЈА да одмавнат со рака и да кажат дека тоа може да биде и добро. Всушност, како што можеби ви е веќе познато (а ако не ви е, еве како ќе ви стане), во Македонија има Здружение за дислексија, се вика „Ајнштајн“ (да, и Ајнштајн имал дислексија), а разговараме со Дамјан Николовски, кој беше супер фин да ни објасни за што се работи. Нивниот шармантен слоган „Јас имам дислексија, ништо страшно“ освојува на Фејсбук, а нивниот начин на работа е отворен и достапен на ниво на светски организации.
1. Што е дислексија?
Дислексија е специфична тешкотија при читање и пишување кај лица со просечна и многу често натпросечна интелигенција во услови на вообичаени инструкции за читање.
2. Страшно ли е?
Секако дека не е страшно туку баш напротив. Покрај тоа што овие лица имаат тешкотии со читањето и пишувањето, дислексијата дава и низа на дарби кои се поврзани со креативноста, интуицијата и гледањето на големата слика наспроти деталите. Дека дислексијата има позитивни страни го докажуваат сите познати светски личности кои имаат дислексија а тоа се Алберт Ајнштајн, Стив Џобс, Орландо Блум, Томас Едисон, Кира Најтли, Шер, Џони Деп, Мухамед Али, Бил Гејетс, Џејми Оливер, Џон Ленон, Лудвиг Ван Бетовен, Хенри Форд, тука секако би сакал да ја споменам и нашата актерка која има дислексија и даде огромен придонес во подигнувањето на свеста за дислексијата во Р.Македонија – Катина Иванова. Но тука не запира списокот на личности кои имаат дислексија, а се премногу успешни ова се само дел од нив. Искрено се надеваме дека ќе ни се јават уште повеќе успешни личности од Македонија кои ќе ги охрабрат сите оние кои се соочуваат со овој проблем.
3. Зошто е битно да имаме вакво здружение?
Важноста за постеоњето на ова здружение во Р.М се гледа во тоа што дислексијата во Р.М е нов поим и воопшто не се знае дека постои како појава, а 10% до 15% од населението во нашата држава се соочува со истата. Во Македонија немаме литература за дислексијата, ниту пак некакви официјални истражувања за дислексијата и токму затоа сме ние тука, обезбедуваме литература и почнуваме да правиме истражувања на територијата на цела Република Македонија.
4. Кои се активностите?
Нашето здружение сега веќе го организира и вториот семинар “Дислексија-пристап, форми и методи” кои е наменет за сите заинтересирани граѓани. Стартуваме и со кампањата за подигнување на јавната свет за дислексијата со насов “ЈАС ИМАМ ДИСЛЕКСИЈА НИШТО СТРАШНО”. Од септември ќе започнеме и со вториот дел од кампањата каде што ќе бидат вклучени многу познати личности кои ќе помогнат за подигнувањето на свеста за постоењето на дислексијата како состојба. Веќе во завршна фаза е истаражувањето на територија на град Скопје за тоа колку наставниот кадар е информиран и запознаен со дислексијата и колку дечиња би можеле да се препознаат дека имаат дислексија. Паралелно со сите активности во нашето
здружение организираме отворени денови каде што сите кои имаат желба можат да присуствуваат. На овие средби се споделуваат искуства, знаења и најразлични совети од стручни лица за дислексија. Досега е направено истражување за запознаеноста на одделенските наставници со дислексијата и колку ученици имаат проблеми со читањето во Општините Центар, Аеродром, Кисела вода. До крајот на годината планираме со вакво истражување да се опфатат сите општини кои спаѓаат под Град Скопје и општините во околината на Скопје
5. Каков ви е начинот на работа?
Како релативно ново здружение работиме на волонтерска основа .Секако дека почетокот е тежок, но сепак се работи за нешто што е сосема ново и како единствено вакво здружение имаме многу активности. Постојано пополнуваме апликации за проекти со надеж дека ке добиеме средства за да можеме да направиме многу повеќе за лицата со дислексија и да ги реализираме нашите идеи и цели. Досега бевме фокусирани на подигнување на јавната свест за дислексијата. Целта ни е да се осознае дислексијата престанат етикетите за лицата кои имаат тешкотии со читањето како што се: глуп, мрзлив, “реченица не знае да состави“, незаинтересиран итн. Секогаш барем за нас претставува огромно задоволство да можеме да направиме нешто повеќе за овие дечиња во кои лежи огромен потенцијал. Во септември планираме да се отвори центарот за дислексија во рамките на здружението каде ќе работат лица обучени за работа исклучиво со деца и возрасни со дислексија.
6. Како луѓето кај нас гледаат на дислексијата, и како треба да гледаат?
Кај нас населението многу малку е информирано за дислексијата. Поголемиот дел од родителите кои се засегнати и кои се соочуваат со тешкотиите на своите деца, кога сега за прв пат го слушаат терминот дислексија мислат дека се работи за нешто страшно и не сакаат да прифатат и признаат дека детенцето има дислексија а со тоа само му наштетуваат на детето. Таквиот пристап е многу прогрешен. Ние во нашето здружение сметаме дека доколку проблемот се признае и препознае – 50% е решен. Затоа и апелираме до сите засеганати страни дека дислексијата не е ништо страшно туку таа претствува дарба доколку рано се открие и се работи на истата. Сите познати светски сличности ни говорат за тоа дека на дислексијата треба да гледаме како на нешто позитивно .